Протокол за постапување со деца со дијабетес
Децата со дијабетес имаат потешкотии во образовниот процес. Стручните служби во училиштата мора да знаат како да постапат во дадена ситуација. Но, кај нив има страв. Надлежните подготвија протокол за навреме да можат да ги препознаат симптомите за да реагираат...

Кога го запознала ученикот кој има дијабет тип 1 Татјана Павловска-Деспотовска имала страв дали во одредени моменти ќе му биде доволна нејзината поддршка, како што очекува родителот и бара здравствената состојба на детето. Во иста неизвесност биле и нејзините колеги во скопското основно училиште „Кирил и Методиј“. Сите заедно одлучиле да тргнат напред. Со родителот се слушаат на телефон и по неколку пати кога имаат дилема, и добиваат насоки како да постапат.
700 деца во земјава имаат дијабет тип 1. Многу просветни работници, вработени во градинките се соочуваат со предизвикот како Татјана. За нив е изработен протокол.
За да не се боцкаат по пет-шест пати дневно, гликемијата ја мерат со сензорни апарати кои ги купуваат нивните родители. Уште ги чекаат ветените од надлежните.
Ковидот предизвика раст на бројот на деца со дијабет тип 1. Од 2021 годишно се регистрираат по 70 нови случаи.
Протоколот е изготвен од страна на педијатри ендокринолози од Клиниката за детски болести. И децата со тип 1 можат да имаат детство како сите други ако редовно се мери шеќерот во крв и ако наставниците знаат како да постапат во дадената ситуација.
Наташа Јанчиќ Менковски
