Нов случај на африканска свинска чума
Нов случај на африканска свинска чума во близина на село Таринци во Општина Карбинци, каде веќе што беа уништени 8.500 животни. Се работи за мала семејна фарма во Крупиште, а Агенцијата за ветеринарство ги презема сите пропишани мерки за заштита во радиус од три и од 10 километри. Оваа болест не е опасна за човекот, но кај животните смртноста е речиси 100 процентна …

По појавата на африканската свинска чума во близина на село Таринци, потврдено е ново жариште на мала семејна фарма во Крупиште оддалечена 10 километри од претходното место каде што се појави болеста.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека ќе се преземат сите пропишани мерки што важат за радиус од три и од 10 километри, односно во самото жариште и во одгледувалишта со кои имало контактни ќе се изврши безбедно отстранување на домашните животни.
Трошоците за испитувањата се на товар на Агенцијата за храна и ветеринарство, а одземените животни ќе им бидат платени на сопствениците.
Извор и носители на вирусот на чумата, се дивите свињи.
Според ветеринарите болеста ја има во целиот регион и бројот жаришта се зголемува. Заболуваат домашните и дивите свињи. Таа не е опасна за човекот, но предизвикува големи економски загуби.
Се пренесува и шири преку директен контакт меѓу животните, или преку заразена храна и отпадоци од храна, опрема, возила и облека.
Смртноста кај домашните свињи може да достигне дури и до 100 проценти.
Методија Трајков
