Закажани седници на три собраниски комисии
Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска треба да расправа за Предлог одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници, собраниската Комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите и Законодавно-правната комисија...

Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска треба да расправа за Предлог одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите. Комисијата за финансирање на одделна седница ќе дебатира и за Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година, по скратена постапка.
Зголемување на ставката плати во јавниот сектор за 4,25 милијарди денари, дополнителни 3,5 милијарди денари за раст на пензиите, дополнителни 800 милиони денари за земјоделски субвенции, дополнителни средства за здравството и образованието, се само дел од проекциите предвидени со Одлуката за прераспределба на годинашниот Буџет што ја донесе Владата на седница на 7 септември годинава.
Собраниската Комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите денеска треба да расправа за Извештајот на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија за примена на посебни истражни мерки во 2022 година.
Законодавно-правната комисија исто така во Собранието денеска ќе одржи седница. Пред членовите на оваа Комисија за расправа ќе бидат Предлогот на закон за ратификација на Спогодбата меѓу Советот на министри на Босна и Херцеговина, Владата на Република Бугарија, Владата на Република Хрватска, Владата на Унгарија, Владата на Република Македонија, Владата на Црна Гора, Владата на Република Србија, Владата на Словачката Република и Владата на Република Словенија за соработка и координација на потрагата и спасувањето во областа на воздухопловството.
