Здравје

Видови на мед и нивната лековитост

26.09.2023 09:43

Постојат различни типови на мед, во зависност од регионот во кој тој се одгледува: боров, шумски, ливадски, багремов итн. Сите тие имаат некои свои карактеристики.

Медот е слатка вискозна супстанца која е продуцирана од пчелите. Тие го собираат медот од цветниот нектар и го складираат во восочна структура наречена саќе. Со генерации се произведува и користи за исхрана, но и за лекување.

Постојат различни типови на мед, во зависност од регионот во кој тој се одгледува: боров, шумски, ливадски, багремов итн. Сите тие имаат некои свои карактеристики.

Липовиот мед е со бистра, речиси проѕирна боја и има слаткаст вкус. Ги олеснува дишните тегоби и се препорачув кај настинка и грип. Поттикнува потење, делува поволно на варењето, ублажува грчеви и ги смирува болките. Корисен е кај проблеми со бубрезите, бидејќи го поттикнува излачувањето на штетните материи од организмот. Липовиот мед не смеат да го консумираат срцевите болни.

Цветниот или ливадски мед се добива од разни видови цвеќиња, во зависност од поднебјето. Има благ и ароматичен вкус. Поради својот посебен состав се препорачува за подигање на имунитетот и за закрепнување по болест, како и кај сезонски алергии и алергиски астми. Кај алергиска астма се препорачува да се зема светен мед од вашата околина, бидејќи тој содржи полен од сите видови цвеќиња, кој ги предизвикува потенцијалните алергии.

Багремовиот мед се карактеризира со изразито светложолта боја и со благ вкус. Овој вид мед им одговара на повеќето луѓе, бидејќи неговата арома буквално не се чувствува во напитоците. Одличен избор е за малите деца  и за оние кои закрепнуваат по некоја болест.

Медот од хељда има најтемна боја и силен вкус. Богат е со минерали и антиоксиданси, поради што спаѓа во најздравите видови мед. Им се препорачува на слабокрвните и како исклучителна помош при кашлица.

Костеновиот мед има специфична црвено – кафеава боја. Има тежок вкус и на многумина не им одговара. Поради ова силно антибиотско делување еден е од најлековитите видови мед. Се користи речиси кај сите болести и воспаленија.

Планинскиот мед е исклучително ценет и лековит вид на мед. Се добива од незагадени планински растенија, па поради овој свој состав е многу баран. Користете го за јакнење на имунитетот, проблеми со дишењето – излечете кашлица, воспаление на грлото и синусите. Во народната медицина, планинскиот мед се користел и за дезинфекција на кожните воспаленија и рани. Помага при лекување на гинеколошките тегоби и воспаленија предизвикани од вируси и бактерии.

Глоговиот мед има кафеава боја и силен вкус. Им се препорачува на оние кои се срцеви болни, бидејќи го регулира крвниот притисок, помага кај артериосклероза, ангина пекторис, оштетен срцев мускул и воспаление на срцевиот мускул. Се користи и за смирување. За намалување на холестеролот се прави паста од глогов мед и цејлонски цимет во прав. Намачкајте ја на парче леб и јадете ја редовно секој појадок.

Сончогледовиот мед има специфична жолта боја, вкус и мирис. Припаѓа во поценетите видови мед, но брзо се кристализира. Се користи при тегоби поврзани со дишните патишта воспаление на грлото и синусите) и ефикасно делува кај тегоби со варењето, дишни тегоби и бубрежни заболувања.

 

Катерина Стојановска Десковска