Косово: Србија да ги предаде избеганите напаѓачи
Ситуацијата на Косово мирна, но тензична. Приштина и Белград продолжуваат со обвинувањата. Курти побара Србија да ги предаде избеганите напаѓачи. Ние немаме ништо со тоа, врати Вучиќ. Меѓународната заедница бара деескалација на ситуацијата…

Косово побарало од Србија да му ги предаде напаѓачите кои избегале по судирот со косовските полицајци на северот од земјата, во кој беа убиени тројца напаѓачи и еден полицаец.
Српскиот претседател Вучиќ одговори дека Белград нема ништо со тоа. Состојбата на северот на Косово е мирна, но и натаму напнато.
Европската унија и САД се обидуваат да посредуваат и да ги финализираат разговорите за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина.
„Ги повикуваме владите на Косово и Србија да се воздржат од какви било дејствија или реторика кои би можеле дополнително да ги разгорат тензиите и да работат во координација со меѓународните партнери за деескалација на ситуацијата“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.
Вооружени полицајци пребарувале куќи во селото Бањска за да ги најдат напаѓачите. На новинарите не им бил дозволен влез во селото. Косовските власти подоцна објавија дека се верува оти некои напаѓачи избегале во Србија.
„Бараме од Србија да им ги предаде тие луѓе на косовските власти што е можно побрзо за да одговараат пред правдата за своите терористички дела, со другите кои избегале во Србија“, рече Џељал Свечла, министер за внатрешни работи на Косово.
Не е јасно кои се вооружените напаѓачи или кој ги поддржува. Приштина го обвини Белград дека ги поддржува како што ги нарекува „терористите“, а ставот на српските власти е дека тоа се Срби од Косово кои протестираат, незадоволни од тамошната влада.
Полицијата заплени возила со арсенал огнено оружје од различен калибар, експлозиви, муниција и логистика за стотици лица.
Безбедносните власти во Косово го обвинија потпретседателот на српските листи, Милан Радоичиќ, дека го организирал и учествувал во нападот.
„Во овие материјали најдовме и документи на криминалецот кој е на црната листа на САД, Милан Радоичиќ, документи кои ја докажуваат неговата поврзаност или директно учество во оваа акција. Ова е списокот на оружје или дозволи на институциите на Србија му е дадена на Милан Радоичиќ, каде што има и список на оружјето што го поседува“, нагласи Свечла.
Според него се верува дека имало план за дестабилизација на Косово.
Косовскиот премиер Курти му оддаде почит на убиениот полицаец Африм Буњаку, а претседателката Османи постхумно го одликуваше со орден „Херој на Косово“.
„Во Косово е ден на жалост, а заедно со тагата и болката чувствуваме гордост и доверба кон Афиримин и сите останати полицајци. За нашата полиција, која со своите професионални и храбри акции спречи пошироко криминално и терористичко сценарио“, рече косовскиот премиер Албин Курти.
Српскиот претседател Вучиќ го обвини косовскиот премиер Курти дека поттикнува насилство со блокирање на формирањето заедницата на српски општини.
Марина Ристова
