Предлог-законот за амнестија денеска на владина седница
Предлог-законот за амнестија за сторители на полесни кривични дела, денеска на владина седница. По реакциите во јавноста, Ковачевски уверува дека овој предлог заедно со измените на Кривичниот законик е усогласување со европската легислатива. Премиерот не губи надеж дека уставните измени ќе поминат до крајот на годинава …

Една недела откако Владата донесе одлука да го врати Предлог-законот за амнестија на доработка, текстот со изменетите решенија од Министерството за правда повторно на седница. Со предлогот кој се однесува на полесни кривични дела, треба да се ослободат осуденици со затворска казна до 6 месеци. За тие коишто се осудени над половина година се предлага намалување на затворската казна за 30 насто. Со намалувањето на затворските казни нема да бидат опфатени осудените на доживотен затвор, како и за кривичните дела убиство, измами при избори и гласање, мито и корупција, силување и семејно насилство, злоупотреба на службена должност или измама со пари од европски фондови. Освен тврдењето дека не станува збор за амнестија на поранешни или актуелни функционери, конкретни детали за причините зошто првичниот Предлог-закон поднесен од министерот Лога не помина на владината седница не се откриваат. Во јавноста се појавија информации дека првиот човек на Правда во неформалниот дел од владината седница се заканил со оставка ако не помине Предлог-законот. Од Министерството велат дека писмена оставка не е поднесена.
Според најавите, Предлог-законот за амнестија ќе се однесува на околу 250 затвореници од вкупно 2.345 осудени лица кои ги издржуваат казните во сите затвори во земјава. Дополнително, во нив се сместени и над 260 луѓе опфатени со мерката притвор, како и 20 малолетници кои го прекршиле законот.
На предложениот закон остро се спротивстави ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата тврдат дека тој е селективен и парцијален и служи за ситни политички поени пред избори. Мицкоски најави дека во Собранието ќе се искористат сите демократски средства за да се блокира изгласувањето.
Милчо Велески
