Ситуацијата во Косово мирна, но сè уште тензична
Косово бара Србија да ги предаде напаѓачите. Вучиќ се оградува-влез и излез од Бањска дозволен само од медицински причини. Утре во Србија Ден на жалост...

Косово бара од Србија да му ги предаде напаѓачите кои избегале по судирот со косовските полицајци на северот од земјата во кој беа убиени тројца напаѓачи и еден полицаец. Српскиот претседател Вучиќ одговори дека Белград нема ништо со тоа. Состојбата на северот на Косово е мирна, но и натаму напнато.
Европската унија и САД се обидуваат да посредуваат и да ги финализираат разговорите за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина.
„Ги повикуваме владите на Косово и Србија да се воздржат од какви било дејствија или реторика кои би можеле дополнително да ги разгорат тензиите и да работат во координација со меѓународните партнери за деескалација на ситуацијата“, изјави, Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.
Вооружени полицајци пребарувале куќи во селото Бањска за да ги најдат напаѓачите. На новинарите не им бил дозволен влез во селото. Косовските власти подоцна објавија дека се верува оти некои напаѓачи избегале во Србија.
„Бараме од Србија да им ги предаде тие луѓе на косовските власти што е можно побрзо за да одговараат пред правдата за своите терористички дела“, изјави Џељал Свечла, министер за внатрешни работи на Косово.
Приштина го обвини Белград дека ги поддржува како што ги нарекува „терористите“, а ставот на српските власти е дека тоа се Срби од Косово кои протестираат, незадоволни од тамошната влада.
Полицијата заплени возила со арсенал огнено оружје од различен калибар, експлозиви, муниција и логистика за стотици лица.
Безбедносните власти во Косово го обвинија потпретседателот на српските листи, Милан Радоичиќ, дека го организирал и учествувал во нападот.
„Во овие материјали најдовме и документи на криминалецот кој е на црната листа на САД, Милан Радоичиќ, документи кои ја докажуваат неговата поврзаност или директно учество во оваа акција.“, изјави Џељал Свечла, министер за внатрешни работи на Косово.
Според него се верува дека имало план за дестабилизација на Косово.
Косовскиот премиер Курти му оддаде почит на убиениот полицаец, а претседателката Османи постхумно го одликуваше со орден „Херој на Косово“. Српскиот претседател Вучиќ го обвини косовскиот премиер дека поттикнува насилство со блокирање на формирањето заедницата на српски општини. Тој во меѓувреме се сретна со амбасадорите на САД, Италија, Обединетото Кралство, Германија и Франција на разговори за тензиите во Косово.
Двајца уапсени Срби по судирите се донесени во Основниот суд во Приштина на рочиште за нападот на полиција во Бањска.
Марина Ристова
