Образование

Шаќири домаќин на меѓународна конференција за високо образование

26.09.2023 13:47

Република Северна Македонија е домаќин министерска конференција посветена на обезбедување квалитет во високото образование во земјите од Западен Балкан, која Министерството за образование и наука ја организира со поддршка на Секретаријатот на иницијативата за образовни реформи во Југоисточна Европа – ERI SEE...

Во следните два дена во Скопје, министрите за образование и наука на Северна Македонија, Србија и Црна Гора, заменик министерот за образование на Литванија, како и над 80 други претставници на институции, образовни и научни установи од регионот, а воедно и експерти од Европската унија, ќе дискутираат за предизвиците на високото образование во регионот и акцијата која треба да се преземе за подигнување на неговата конкурентност во пошироки рамки.

Посакувајќи им добредојде на гостите од другите држави, министерот за образование и наука Јетон Шаќири ја отвори конференцијата и изрази очекувања дека ќе бидат разменети позитивни искуства и ќе се усвојат заклучоци кои ќе бидат патоказ за креирање на идните политики со кои ќе се подобри квалитетот на високото образование во секоја од земјите од регионот.

Потенцираше дека Владата на Република Северна Македонија и Министерството за образование и наука посветуваат големо внимание на квалитетот на високото образование, особено во последните неколку години. Како што рече, иако можеби нашите високообразовни установи ги нема на ранг листите со топ 500 универзитети во светот, сепак политиките кои ги креираме со учество на сите засегнати страни, очекуваниот ефект ќе го дадат на среден, односно долг рок.

Министерот информираше за низа остварувања на актуелната Влада во делот на унапредување на квалитетот на високото образование и науката, потенцирајќи го носењето на новиот Закон за високото образование, како и отворањето на неколку нови институции и тела кои делуваат во оваа насока.

Шаќири рече дека на државата и е потребна поддршка не само од овдешните институции, академската и научна заедница, туку особено важни е искуствата на околните земји и на Европската унија. Нагласи дека и Северна Македонија има што да сподели на оваа конференција како позитивни практики, особено во делот на грижата кон студентите, поддршката на научните и високообразовните установи за обезбедување на нова лабораториска опрема, финансирањето на научни проекти од јавен интерес и дигитализацијата.

„Од оваа конференција очекувам многу. Најважно е да ги зацврстиме релациите, да се обединиме за да напредуваме и поединечно како држави и како регион кој може и мора да биде конкурентен на глобалниот образовен простор“, заклучи министерот за образование и наука.