Очното одделение во штипската болница работи со двајца офталмолози, над 700 пациенти чекаат за хируршки зафат
Дефицитот на лекарски кадар во Клиничка болница Штип се чувствува во многу одделенија, но најизразен е во Одделението за очни болести, каде има само двајца офталмолози. На листата за хируршки интервенции на очно има над 700 пациенти од источниот и југоисточниот регион. Управата бара нови вработувања и специјализации…

Повеќе 700 пациенти од источниот и југоисточниот регион чекаат за операција на Одделението за очни болести во штипската клиничка болница. Причина за долгата листа е недостигот на лекарски кадар. Со само двајца специјалисти офталмолози ова одделение е едно од лекарски најдефицитарните во болницата. Месечно се вршат 110 операции, најчесто на таканареченото перде на очите, но секој месец има нови околу 140 пациенти.
Решението е во вработување на лекарски кадар. Директорот на штипската болница очекува брзо одобрување за нови триесеттина вработувања. Вели дека се вложува во нови апарати, но најважниот ресурс е медицинскиот кадар
Штипската болница за потребите на офталмологија набави апарат за оптичка кохерентна томографија. За пациентите овој апарат значи дека за преглед и испитувања не мора да одат на очната клиника во Скопје, а за медицинскиот кадар апаратот значи брза и прецизна дијагностика.
Славица Величковска
