Одбрана

Протераните руски дипломати се обиделе да се мешаат во националните интереси, вели Петровска

26.09.2023 14:26

Тројцата руски дипломати и рускиот свештеник кои неодамна беа протерани од земјава се лица кои работеле спротивно на дипломатските правила и се обиделе да се вмешаат во стратешките национални интереси на нашата држава, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска, на денешната прес-конференција со словенечкиот министер за одбрана, Марјан Шарец. Потпишан нов договор за билатерална соработка…

Безбедноста на македонската Армија и Министерството за одбрана не била нарушена од дејствувањата на руските дипломати и свештеник кои беа протерани од земјава, истакна министерката Петровска. Според неа, овие лица работеле спротивно на дипломатските правила и се обиделе да се вмешаат малку повеќе во стратешките национални интереси.

„Нашиот пат, патот на државата не само на оваа Влада, туку на државата во целина е многу јасен и многу пати досега сме изјавувале дека наша стратешка цел е членството во НАТО и ЕУ и секој еден кој ќе се обиде да го попречи тој пат не можеме да го сметаме за пријател, особено не ако тоа сака да го направи со мешање во работата на институциите или кои било други субјекти во нашата држава“, нагласи министерката за одбрана Петровска.

Современите безбедносни закани – повод за новиот договор за билатерална соработка во одбраната меѓу Северна Македонија и Словенија. Двајцата министри за одбрана на двете земји сојузнички истакнаа дека со него ќе се зголемат заедничките обуки и вежби, размената на информации, справувањето со хибридните закани и климатските промени и учеството во НАТО мисии.

Двете земји-сојузнички учествуваат во Балканскиот медицински тим и ќе разменат искуства за подобар кризен менаџмент. Словенија ќе биде местото каде ќе се сервисираат и воените возила што неодамна беа купени од САД.

Словенија продолжува со поддршка за исполнување на стратешката цел-членство во ЕУ.

Ирина Гелевска