Колку граѓаните се подложни на суеверија?

26.05.2014 10:34

Масовна појава кај луѓето кои решавањето на сопствените проблеми ги насочуваат на погрешна адреса, едногласни се психолозите. Па така проблемите на лицата кои постапуваат по упатството на гатачите се заоструваат, а тие лажни советодавачи се богатат на туѓи проблеми...

Лечам од сите болети, симнувам црна магија, гледам на тарот карти... вакви реклами се вртат на интернет, дури и на медиумите и ги намамуваат граѓаните кои во очај очекувајќи инстат решение одат кај надри лекари, бајачи и гатачи. За граѓаните оваа е табу тема, но голем дел користеле услуги на одредени јасновидци, навидум успешни, а при тоа несвесни дека случано се поклопило да се најде лек или душевен мир.

„Луѓето во денешно време живеат под стрес, имаат разни здравствени проблеми, така што бараат решение и на овој начин...Не верувам во нивните моќи, имам внуче ама досега на бајачка го немам однесено“, велат граѓаните.

Одењето кај самопрогласени гатачи со натприродни моќи ги замајува и става во заблуда луѓето. Доколку не се превземат мерки за лекување кај стучни лица, исходот може да биде фатален велат психолозите.

„Во одреден момент се чини дека таа помош што ја нудат е вистинска.Сепак оваа е краткотрајно решение кое врз психата на луѓето делува убедувачки, односно има сугестивен карактер“, додава психологот Соња Алексиевска.

Повикувајќи се на религијата, голем дел од јасновидците ги користат иконите и светците како оружје, да поверуваат луѓето во празноверијата. Духивните учители повикуваат да се направи разлика помеѓу верата во вистинското и демонското.

„Оној кој што е мудар ќе направи разлика помеѓу самопрогласените и вистинските светители. Сега, натаму е наше што ќе одбереме кога сме жедни дали ќе пиеме од вода која што е прочистена или која што има отров“, вели отец Игор Здравковски.

Некои поаѓаат од фактот дека лекот е пет пари и ова убедување ги тера да веруваат во јасновиците кои после услугата велат фрли колку да се фати лекот. Но, добар дел профитираат на туѓа несреќа и земајќи големи суми на пари. Инаку, гатањето е казниво со закон.

Габриела Димковиќ