Триесетдневен притвор за осомничените за убиството на полицаецот на северот на Косово
Тројцата осомничени за убиството на полицаецот на северот на Косово добија триесетдневен притвор. Приштина бара Белград да ги предаде избеганите напаѓачи. Вучиќ вели – ние немаме ништо со тоа. САД и ЕУ повикуваат од воздржување од какви било дејствија или реторика...

Состојбата на северот на Косово е мирна, но и натаму тензично. Косовскиот суд реши да ги задржи во притвор тројцата осомничени за вмешаност во убиството на полицаецот на северот на земјата. Полицијата претходно заплени возила со арсенал огнено оружје од различен калибар, експлозиви, муниција и логистика за стотици лица.
„На мојот клиент, судот му одреди 30-дневен притвор. Ќе се жалиме на судската одлука. Изнесовме некои факти кои се релевантни и покажуваат дека треба да се занимаваме со недоразбирање, а не со кривично дело“, рече Дејан Васиќ, адвокат.
„Истрагата ќе ја покаже вистината за мојот брат и за случајот. Сите ние стоиме зад него и го поддржуваме“, вели Билјана Максимовиќ, сестра на осомничениот.
Во меѓувреме, Приштина бара од Белград му ги предаде напаѓачите кои избегале по судирот со косовските полицајци. Обвинија и за учество на политичари во нападите. Српскиот претседател Вучиќ вели дека немаат ништо со тоа.
„Во овие материјали најдовме и документи на криминалецот кој е на црната листа на САД, Милан Радоичиќ, документи кои ја докажуваат неговата поврзаност или директно учество во оваа акција. Ова е списокот на оружје или дозволи на институциите на Србија му е дадена на Милан Радоичиќ, каде што има и список на оружјето што го поседува“, изјави Џељал Свечла, министер за внатрешни работи на Косово.
ЕУ и САД повикуваат на смиреност и финализирање на разговорите за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина.
„Ги повикуваме владите на Косово и Србија да се воздржат од какви било дејствија или реторика кои би можеле дополнително да ги разгорат тензиите и да работат во координација со меѓународните партнери за деескалација на ситуацијата“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт Департментот.
Состојбата во северно Косово бележи повеќе инциденти по повлекувањето на Србите од последните локални избори и назначувањето на градоначалници Албанци.
Маријана Димовска
