Фестивал

Во Скопје ќе се одржува 2-от Интернационален детски фестивал „Игор Маџиров“

27.09.2023 09:05

Од денеска до 30-ти септември во Скопје ќе се одржува 2-от Интернационален детски фестивал „Игор Маџиров“...

Од денеска до 30-ти септември во Скопје ќе се одржува 2-от Интернационален детски фестивал „Игор Маџиров“

Од денеска до 30 септември во Скопје, во организација на Театарот за деца и младинци ќе се одржува 2-от Интернационален фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, годинава под мотото „Ослободи ја својата фантазија“.

Ќе бидат изведени осум претстави.

Програмата е посветена на малите театарски форми. Свеченото отворање е со претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“, а наредните денови ќе се изведат: „Шума од песни“ на „Кускус“ Институт арт продукција од Љубљана, „Бременските музиканти“ на театарот „Бабец“ од Битола, „Ова сум јас“, на театарот „Поко Локо“ од Загреб, „Момчето со куферот“ на Мал театар „Душко Радовиќ“, „Пинокио и Црвенкапа во потрага по аладиновата ламба“, во продукција на Албанскиот театар за деца и младинци „Среќна куќичка“, на гостите од Градскиот куклен театар од Ријека, „Бамби“ на Театарот за деца и младинци од Крагуевац и претсавата „ЕРРОР 404“ во изведба на Ангелес де Трапо од Малага, Шпанија.

Претседател на жирито е Тин Грабнар од Словенија, а членови се актерот Драган Довлев и театрологот Миливоје Млаѓеновиќ. Од годинава ќе има и детско жири, со 7 деца на возраст од 9 до 12 години.

На Факултетот за драмски уметности ќе се одржи работилница за куклен театар наменета за студентите и дипломираните актери и режисери, под водство на актерката и режисерка Тамара Кучиновиќ, професорка по куклен театар од Факултетот за драмски уметности во Осијек, Хрватска. На фестивалот ќе има уште една работилница наменета за деца и наставници, на тема куклен театар со режисерот Давор Драгојевиќ од Подгорица, Црна Гора.

 

 

 

 

 

Фото: / Facebook IFST Igor Madzirov