Изложба

„Мултиверзум“ на Симон Шемов во Даут- пашин амам

27.09.2023 09:36

Организаторите посочуваат дека изложбата се занимава главно со аспекти на космологијата и космогонијата, т.е. со проблемите на појавата и егзистирањето на космосот и универзумот, а секако, преку оваа општа феноменолошка семантика, и со посебната хуманистичка егзистенцијална природа на човекот, трагање кон посебното од општото или обратно, преку субјективното и сингуларното кон безграничното.

Вечерва во Даут-пашиниот амам ќе биде отворена самостојната изложба на академскиот уметник Симон Шемов која носи наслов „Мултиверзум“.

Организаторите посочуваат дека изложбата се занимава главно со аспекти на космологијата и космогонијата, т.е. со проблемите на појавата и егзистирањето на космосот и универзумот, а секако, преку оваа општа феноменолошка семантика, и со посебната хуманистичка егзистенцијална природа на човекот, трагање кон посебното од општото или обратно, преку субјективното и сингуларното кон безграничното.

Куратор на изложбата е Ана Франговска, според која од изложените дела се издвојуваат четири феноменолошки аспекти кои се аналогни на неговите повторливи интереси низ хронологиската матрица и се провлекуваат како дискурсни нишки низ неговиот целокупен уметнички опус (од почетоците, во средината на 60-тите на минатиот век до денес).

„Станува збор за природната индоктринација со пантеизмот, сосема логично на него се надоврзува преокупираноста со прашањата за постанокот и егзистенцијата на универзумот, та оттука космологијата/космогонијата како клучни одредници ad acta, потоа аспектите на поврзаноста на уметноста и природата на игрите (т. е. вечната потреба за истражување, експериментирање и анимирање и на себе и на публиката – со одреден партиципативен директен или индиректен инпут) и семиотиката, т. е. неговата преокупација со истражување и трансформирање на симболи и архетипови“, посочува кураторот Франговска.

Симон Шемов е роден во Кавадарци 1941 година. Дипломирал на ФЛУ во Белград, Србија во 1964 година, а постдипломски посетувал на Академијата за ликовни уметности „Слејд“, при Универзитетскиот колеџ во Лондон, В. Британија. Од 1970 до 1981 година предавал сликарство, цртеж и за општата феноменологија на боите на Архитектонскиот факултет во Скопје, каде што е професор на предметите сликарство, цртеж и медиум целулоза.

Како визитинг професор одржал предавања на универзитети во Чикаго, Бостон, Ајова, Темпи во САД, во Токио – Јапонија, на Универзитетот во Велико Трново во Бугарија.

Покрај сликарството се занимава со графика, ликовни интервенции, инсталации, со медиумот рачно изработена хартија, дигитална графика.

Имал самостојни изложби во Скопје, Белград, Лондон, Единбург, Братфорд, Њујорк, Нирнберг, групни во повеќе градови, а бил учесник на традиционални ликовни манифестации, и реализирал студиски патувања во САД, Русија, Украина, Белорусија, Чешка, Словачка, Полска, Франција, Австрија, Велика Британија, Холандија, Германија, Италија …

Изложбата „Мултиверзум“ ќе трае до 27-ми ноември.