САД – Јадранска Повелба

Петровска: Успешен регионален механизам со потврдени резултати

27.09.2023 11:48

Во своето обраќање, министерката истакна дека на 20 – годишнината од воспоставувањето на оваа иницијатива, можеме да кажеме дека таа донесе видливи резултати, особено имајќи предвид дека четири од петте земји во А5 се и полноправни членки на НАТО.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска, утрово се обрати на годишната конференција на началници на Генералштаб на земјите – членки на САД – Јадранската Повелба, на која присуствува и генералот Кристофер Каволи, командант на Армијата на САД за Европа.

Во своето обраќање, министерката истакна дека на 20 – годишнината од воспоставувањето на оваа иницијатива, можеме да кажеме дека таа донесе видливи резултати, особено имајќи предвид дека четири од петте земји во А5 се и полноправни членки на НАТО.

„Резултатите од дејствувањето и соработката на оваа иницијатива се повеќе од видливи и нашироко препознаени. Четири од постојните пет нејзини членки се полноправни членки на НАТО алијансата, но и заеднички придонесувавме во поддршка на меѓународниот мир и во меѓународните операции првично како А3, а денес како А5. Нашиот заеднички придонес во мисијата ИСАФ и Одлучна поддршка беа широко препознаени и високо вреднувани од нашите сојузници“, рече министерката.

Петровска се заблагодари за континуираната американска поддршка, која, потенцираше, беше најсилен мотиватор за реализација на евроатлантските агенди на членките на Повелбата. Дополнително, министерката се осврна и на Концептот за ревитализација чија имплементација започна под претседателство на Северна Македонија, а преку кој се интензивираше меѓусебната соработка и се развија нови идеи и проекти, соопштуваат од Министерството за одбрана.