Пендаровски: Руската инвазија врз Украина ја наметна потребата ЕУ да се фокусира на интеграцијата на Западен Балкан
Претседателот нагласи дека пролонгирањето на евроинтеграциите, од различни причини, практично на сите западно балкански држави, го разнишува кредибилитетот на Европската Унија. Бавното темпо на процесот на интеграција во Унијата е една од заканите за демократијата на Балканот...

„Руската инвазија врз Украина како никогаш претходно ја наметна потребата Европската Унија да се фокусира на интеграцијата со земјите од Западниот Балкан, процес кој дополнително ќе ја зајакне стабилноста, безбедноста, демократизацијата на нашиот регион, затоа што НАТО и Европската Унија се двата коридори за предвидлива и просперитетна иднина“, истакна претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање на отворањето на 26-та Конференција на началници на генералштабови на земјите членки и набљудувачи на САД-Јадранската повелба, што се одржува во Скопје.
Претседателот нагласи дека пролонгирањето на евроинтеграциите, од различни причини, практично на сите западно балкански држави, го разнишува кредибилитетот на Европската Унија. Бавното темпо на процесот на интеграција во Унијата е една од заканите за демократијата на Балканот. Повеќе истражувања на јавното мислење покажуваат дека опаѓа поддршката за западно ориентираните организации и земји и за прв пат после три децении, расте поддршката за некои други регионални организации и поинакви модели на управување.
„Како што беше неспорно дека одредени странски ентитети настојуваа да го спречат нашето зачленување во НАТО, така денес настојуваат да ги спречат процесите на интеграција на земјата во Европската Унија. За таа цел, се развиваат хибридни стратегии и закани, се изведуваат сајбер напади и се продуцираат лажни вести и дезинформации кои ја поткопуваат довербата на граѓаните во институциите и во кредибилноста на регионалните организации во кои сме или сакаме да бидеме“, рече претседателот Пендаровски.
Според шефот на државата, стабилноста и просперитетот на регионот се еден од врвните надворешно – политички приоритети на Северна Македонија.
„Со таквите определби за мир и безбедност, дијалог, споделена одговорност и активен ангажман, го презедовме претседавањето со САД-Јадранската повелба оваа година. Преку нашиот проактивен пристап и иницијатива за зајакнување на политичката димензија и релевантност на Јадранската повелба, уште еднаш ја докажуваме нашата улога и придонес за стабилизирање и просперитет на регионот“, нагласи претседателот Пендаровски.
Додаде дека земјава дава безрезервна поддршка на „политиката на отворена врата“ на НАТО и особено аспирациите на земјите од регионот кои сакаат да пристапат кон Алијансата.
