По невремето состојбата во Скопје е стабилна, сообраќајот се одвива нормално
26.05.2014 11:09
До утрово целосно е санирана штетата од поплавите кај подвозникот кај Стоковната куќа „Мост“, каде што беа заглавени повеќе возила и лица...

Состојбата во Скопје е стабилна по силното невреме што синоќа го зафати градот, се работи на утврдување на штетите, информираат од Град Скопје.
Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски за денеска свика итна седница на Координативното тело на градоначалници од Скопје, на која ќе се разговара за санирање на последиците од синоќешното невреме. На средбата, што ќе се одржи напладне, ќе присуствуваат и директорите на јавните градски претпријатија и претставници од Противпожарната бригада.
По невремето, до Градскиот штаб за заштита и спасување беа пријавени над 70 случаи за штети од поплавите, но нема пријави за повредени лица, туку само за причинета материјална штета. Екипите на ЈП „Паркови и зеленило" интервенираа во 11 случаи за отстранување паднати дрвја.
До утрово целосно е санирана штетата од поплавите кај подвозникот кај Стоковната куќа „Мост“, каде што беа заглавени повеќе возила и лица, кои беа безбедно евакуирани. Екипите успешно интервенираа и на поплавите кај кружниот тек пред хотелот Континентал, на влезот во Општина Гази Баба, кај булеварот „Кочо Рацин“ (во близина на МТВ), и на булеварот „Киро Глигоров“. Од утрово сообраќајот во градот се одвива нормално.
Покрај поплавите на овие црни точки, до Градскиот штаб за заштита и спасување пријавени се и повеќе случаи на поплавени подрумски простории, како и паднати дрвја од големото невреме.
