Косово

Заврши полициската акција во Бањска

27.09.2023 12:20

Косовскиот премиер Курти на владина седница рече дека Србите на Косово мора да се ослободат од туторството на Србија...

Заврши полициската акција за претрес во Бањска. Селото четири дена под блокада. Во Приштина одлука дали на сите, не само на жителите, треба да им се дозволи слободно движење. Косовскиот премиер Курти на владина седница рече дека Србите на Косово мора да се ослободат од туторството на Србија.

„Во нападот вклучени се лица санкционирани од САД и Обединетото Кралство за криминални активности. Тие се бараат од косовските правосудни институции за кривични дела на Косово. Тие се појавуваат рамо до рамо на маса во Рашка и Белград со претседателот на Србија Вучиќ и предупредуваат на директната улога на српската држава“, нагласи косовскиот премиер Албин Курти.

Координаторот на Националната конвенција за ЕУ за поглавјето 35, односно преговори за членство во блокот, за „Косово онлајн“ вели дека главната улога сега ја имаат меѓународните актери кои треба да ги смират страстите и да се спречат слични инциденти во иднина.

„Јас лично се чувствувам обесхрабрен што се случи вакво нешто и дека имаше ваков инцидент кој не врати многу години наназад. Сега клучното прашање е како да се стабилизира северот, како да се постигне мир бидејќи знаеме дека и пред овој настан имаше многу предизвици за постигнување мир, создавање безбедност на север. Ова ќе биде уште потешко“, рече Драгиша Мијачиќ – координатор на Националната конвенција за ЕУ за поглавјето 35.

По нападот од вооружената група за време на викендот во кој загина полицаец и вооружени лица од српска националност, на тројца од осумтемина уапсени им е изречена мерка едномесечен притвор. Мисијата на КФОР на Косово објави ново соопштение за тоа дека трупите биле на терен за време на инцидентот во неделата, а косовската полиција се координирала со нив и со ЕУЛЕКС. Меѓународната заедница ги продолжува апелите за деескалација.

„Важно е сите страни веднаш да работат во координација со меѓународните партнери за деескалација на ситуацијата, безбедност и владеење на правото и враќање на дијалогот со посредство на Европската Унија“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департмент.

Состојбата и натаму тензична. Жителите палат свеќи на загинатите барајќи ги виновниците.

„Ги загубивме нашите пријатели и сакаме да им оддадеме почит на овој начин“, вели Никола Виторовиќ-локален жител.

„Луѓето мора да останат тука, ние Србите како Срби треба да се бориме. КФОР е тој што го направи сето ова“, додаде Саво Дробљаковиќ-локален жител.

Во меѓувреме, српската опозиција бара оставка од претседателот Вучиќ за како што велат повеќегодишната погубна политика кон Косово и последниот дебакл во Бањска со трагични последици.

Маријана Димовска