Уставен суд

Уставниот суд денеска одлучува за Упатството за водење на матични книги

27.09.2023 12:21

Уставниот суд денеска ќе пресече - дали во изводите на родени ќе стои графа националност? Упатството донесено, а се сомневаат дека Министерство за правда не го испочитувал рокот на објавување...

Уставниот суд денеска одлучува за предметот за кој е поведена постапка, Упатство за водење на матични книги.

Станува збор за упатството што кон крајот на мај го донесе министерот Лога, а со кое се предвидува издавање на извод на родени во кој има графа за етничка припадност, за споредба досега во изводите имаше графа за државјанството.

Уставните судии изразија сомнеж во уставноста на ова упатство и поткренаа иницијатива за проверка на законитоста.

Според Уставниот суд од страна на Министерството за правда е направена повреда на членот 52 став 2 од Уставот, односно не е испочитуван уставниот рок во кој требало да се објави ова Упатство. Заведено со архивски број од 29 мај 2023 година, а објавено на 15 јуни 2023 година, што значи не е испочитуван Уставот и членот 52 во кој се предвидува рок најдоцна за седум дена.

Министерот за правда, од Уставниот суд, побара да постапи согласно уставни надлежности и да донесе мериторна одлука согласно веќе заземениот став од 2004 година.

„Уставно определениот рок за објавувањето не може да се прифати дека е уставна норма со ограничувачка цел во однос на примената на прописите кои се објавени со пролонгирање на рокот и влезени во правниот поредок, бидејќи таа норма е дел од целината на уставните норми за гаранциите на слободите и правата на граѓаните на кои и во ваков случај неспорно им е обезбедено и исполнето гарантираното право на објавување, заради запознавање со законите и другите прописи во правниот поредок“, вели Лога.

Во меѓувреме, односно на 5 јули, Судот донесе времена мерка со која го стави надвор од употреба упатството на Лога додека не се донесе конечна одлука за предметот.

На денешната седница следува фазата на гласање и донесување на одлука.

 

Марина Стојанова Тонева