свет

Загинати и повредени во пожар на свадбена церемонија во Ирак

27.09.2023 12:55

Најмалку 114 загинати и над 150 повредени во стравичниот пожар на свадбена церемонија во Ирак. Се стравува оти бројот на жртви и натаму ќе расне, бидејќи голем број лице се водат како исчезнати. Огномет е причина за избувнувањето на пожарот покажува првичната истрага на ирачките власти...

Голема трагедија на свадбена церемонија во Ирак. Огнометот – причина за црниот биланс од стотици загинати и повредени, покажува првичната истрага. Се стравува дека бројот на жртви ќе расте, многумина од повредените се со изгореници од прв степен. Огнот предизвикал и уривање на делови од салата, имало и ослободувањето токсични гасови при согорувањето на евтините градежни материјали што содржеле пластика, велат од ирачката цивилна одбрана.

„Повеќето од повредените се со големи изгореници. На некои други им изгореле 50 до 60 проценти од телата. Ова воопшто не е добро. Поголемиот дел од нив не беа во добра состојба. Повеќето од нив беа млади мажи и жени“, изјави Ахмед Дубардани, заменик-шеф на Дирекција за здравство.

На свадбата биле присутни околу илјада гости. Очевидци сведочат за пожарот кој веселбата ја претвори во ужасна трагедија.

„Баравме насекаде но никаде ги нема. Баравме во болница, во форензичкото одделение нема никаде. Ги нема ни нивните тела. Тие исчезнаа“, вели очевидец на настанот.

„Мојот брат и мојата жена лежат овде мртви, а двете мои ќерка се сè уште исчезнати. Насекаде ги баравме, објавивме и нивни слики, но никаде ги нема. Жена ми беше во тоалетот, а ние со брат ми седевме овде. Се колнам оти тие не беа изгорени, тие загинаа од задушување“, изјави друг очевидец.

„Седевме овде кога избувна пожарот. Да имаше барем еден противпожарен апарат трагедијата ќе беше спречена, но сопственикот на ресторанот е нечесен човек, да беше чесен ќе вработеше човек за обезбедување кој ќе можеше да реагира доколку се случи нешто. Се прашувам како огромна сала нема противпожарен апарат“, додаде друг очевидец на настанот.

Поради стравичната несреќа уапсени се 10-тина лица, вработени во салата за свадбени веселби. Налози за апсења се издадени за уште неколкумина, соопштуваат од ирачкото Министерство за внатрешни. Прогласена е тридневна жалост поради жртвите во трагедијата.

 

Маја Стојанова