Македонија

МОН: Годинава се обезбедени и дистрибуирани 1,4 милиони учебници

27.09.2023 13:59

За шесто одделение, одобрени се учебниците по природни науки, македонски и албански јазик, чија дистрибуција ќе заврши во текот на следната недела. Одобрен е и учебникот по математика и по завршување сите постапки, ќе може да се печати и испорача...

Обезбедувањето на учебници за учениците од основните и средните училишта како процес под надлежност на повеќе институции и тела, под координација на Министерството за образование и наука, годинава е значително унапреден. Тоа го потврдува фактот што преку откуп на учебници за кои министерството не ги поседува авторските права и преку печатење на оние кои се во сопственост на МОН, досега во 2023 година обезбеден е тираж од 1.374.324 учебници. Над 98% од нив, се веќе дистрибуирани, соопштуваат од Министерството.

Оттаму информираат дека учебниците од прво до петто одделение, за кои МОН ги поседува авторските права годинава се целосно набавени и испорачани до училиштата, исто како и учебниците од седмо до деветто одделение, кои пак, се во сопственост на издавачки куќи. За шесто одделение, одобрени се учебниците по природни науки, македонски и албански јазик, чија дистрибуција ќе заврши во текот на следната недела. Одобрен е и учебникот по математика и по завршување сите постапки, ќе може да се печати и испорача. 

Од МОН велат дека за прв пат се обезбедени нови учебници по 150 предмети во средното стручно образование, но и во гимназиското. И тие исто така, етапно се печатат и испорачуваат до училиштата, согласно искажаните потреби преку електронска апликација на министерството, пред почетокот на учебната година.