КОСОВО

Приштина: Властите дозволија слободно движење на луѓето во Бањска

27.09.2023 14:16

Властите во Приштина дозволија слободно движење на луѓето во Бањска. Седницата почна со едноминутно молчење по повод убиството на полицаецот. На тројца од осумтемина уапсени им е изречена мерка едномесечен притвор, четворица се ослободени...

Властите во Приштина дозволија слободно движење на луѓето во Бањска. Предупредија дека постои ризик од неексплодирани мини.

„Можам да потврдам дека ситуацијата во Бањска е мирна. Луѓето можат слободно да се движат и излегуваат, сепак, сè уште постојат ризици од неексплодирани направи, тие би можеле да бидат во и околу планините, па полицијата со своите специјализирани единици ќе изврши претреси во наредните денови“, изјави Ветон Елшани, заменик командант на Регионалната полиција за северниот регион.

Косовскиот премиер Курти за нападот во неделата, на владина седница ја истакна потребата од меѓународна соработка во одржувањето, заштитата и контролата на границите на Косово со Србија. Седницата почна со едноминутно молчење по убиството на полицаецот.

„Со воено оружје од над пет милиони евра и доволно за група од стотици борци, сценариото за крвопролевање на Косово е докажано. Тоа вклучува лица санкционирани од САД и Обединетото Кралство за криминални активности. Тие се под истрага од нашите правосудни институции за кривични дела на Косово. Тие се појавуваат рамо до рамо на маса во Белград и во областа Рашка, при што претседателот на Србија, Вучиќ предупредува на директната улога на српската држава во тоа“, изјави Албин Курти, премиер на Косово.

Српскиот претседател Вучиќ по средбите со Квинтата побара КФОР да се грижи за сите безбедносни прашања на северот на Косово. Координатор на Националната конвенција за ЕУ за поглавјето 35, односно преговори за членство во блокот, за „Косово онлајн“ вели дека главната улога сега ја имаат меѓународните актери кои треба да спречат слични инциденти во иднина.

„Јас лично се чувствувам обесхрабрен што се случи вакво нешто и дека имаше ваков инцидент кој не врати многу години наназад. Сега клучното прашање е како да се стабилизира северот, како да се постигне мир бидејќи знаеме дека и пред овој настан имаше многу предизвици за постигнување мир, создавање безбедност на север. Ова ќе биде уште потешко“, изјави Драгиша Мијачиќ, координатор на Националната конвенција за ЕУ за поглавјето 35.

По нападот од вооружената група за време на викендот во кој загина полицаец и вооружени лица од српска националност, на тројца од осумтемина уапсени им е изречена мерка едномесечен притвор, четворица се ослободени. Немало доволно докази за нивната вмешаност во случајот.

 

Маријана Димовска