Уставниот суд го поништи Упатството за водење матични книги
Уставниот суд донесе одлука со која го поништи Упатството за водење матични книги, односно на изводите на родени нема да стои графата за националност. Денеска се очекува и реакција од Министерството за правда…

Уставниот суд донесе одлука за поништување на Упатството за водење на матични книги, во кој е додадена и графа за етничка припадност – акт донесен од Министерството за правда, поради тоа што не бил испочитуван рокот во кој требало да се објави ова упатство. Одлуката е донесена со мнозинство гласови.
„Кога Уставниот суд донесува поништувачка одлука, тоа значи дека одлуката има ретроактивно дејство, сметано од моментот на донесувањето на актот којшто се поништува“, соопшти портпаролката на Уставниот суд, Беловска.
Упатството е поништено бидејќи Судот оценил дека е направена повреда на членот 52 став 2 од Уставот. Тој член предвидува рок за објавување најдоцна за 7 дена од денот на донесувањето. Уставниот суд веќе појасни во јавноста дека на прашањето за рокот не му пристапува технички, туку суштински и тој треба да биде почитуван од сите, посочи Беловска.
Конечната одлука на судот им дава можност на оние кои досега извадиле документи со графа националност да бараат нивно поништување
„Одговорот на ова прашање треба да се бара преку толкување на член 81 став 1 од Деловникот на Судот, кој дава право на секој граѓанин којшто смета дека со поединечен акт или во случајот со издавање на изводите, може да бара поништување на таквиот акт, во рок од шест месеци, од денот кога ќе се објави во Службен весник“, нагласува Беловска.
Од Министерство за правда најавуваат дека ќе излезат со став по ова прашање.
Марина Стојанова-Тонева
