Пендаровски: Пролонгирањето на евроинтеграциите го разниша кредибилитетот на ЕУ
Во изминатите две децении иницијативата САД – Јадранска повелба се покажа како успешен механизам за јакнење на довербата меѓу земјите членки, но и пошироко. Претседателот Пендаровски е задоволен што оваа година претседавањето со А5 групацијата го презеде нашата земја, и тоа првпат откако е членка на НАТО...

Началниците на армиите од земјите членки на иницијативата САД-Јадранска повелба на состанокот во Скопје укажаа на потребата од зацврстување на стабилноста во регионот и колективната одбрана од поголеми закани како руската инвазија врз Украина.
4 од 5 членки на иницијативата А5 се членки на НАТО, останува отворена вратата за проширување на алијансата, изјави претседателот Пендаровски.
„Пролонгирањето на евроинтеграциите, од различни причини, практично на сите западно балкански држави, го разниша кредибилитетот на Европската унија. Бавното темпо на процесот на интеграција во унијата е една од заканите за демократијата на Балканот“, изјави претседателот, Стево Пендаровски.
Мора да се научат и применат лекциите научени од војната во Украина, истакна министерката за одбрана Петровска.
„Оваа војна придонесе да се променат и доктринарниот и концептуален пристап во војувањето денес, а и во иднина. Позната ни е и улогата која ја имаат хибридното војување, дезинформациите и современите технологии на бојното поле. Тоа се предизвици на кои сите ние заедно треба да одговориме час поскоро“, изјави Славјанка Петровска, министерка за одбрана.
Случувањата во Украина и неодамнешниот инцидент во Косово се предупредување за потребата од постојана подготвеност за заедничка одбрана, порачаа од состанокот на воениот врв на А5.
Ирина Гелевска
