Образование

Обезбедени речиси милион и половина учебници

27.09.2023 16:01

Учебниците по природни науки, македонски и албански јазик за шесто одделение се одобрени. Пред учениците ќе стигнат идната недела. Од Министерство за образование велат дека се обезбедени 1,4 милиони учебници. Првпат по 15 години, од книги ќе учат и стручните училишта...

По 15 години, нови учебници за 150 предмети ќе добијат учениците од средното образование. Етапно се печатат и се испорачуваат до училиштата – информираат од ресорот. До крајот на идната недела ќе бидат испорачани и учебниците за шесто одделение по природни науки, македонски и албански јазик. Учебникот по математика е одобрен и по завршување на жалбената постапка, ќе може да се печати. Учебниците пак за прво и за петто одделение, за кои Министерството има авторски права се веќе доставени до училиштата, исто како и учебниците од седмо и деветто одделение кои се во сопственост на издавачките куќи.

„Изработката на квалитетен учебник е комплексен процес што зависи од повеќе фактори, независни од системско влијание. Но, МОН ќе продолжи и во иднина навремено да ги спроведува своите надлежности, согласно со правната регулатива и да се заложува за обезбедување на квалитетни учебници за сите ученици – велат од Министерството за образование и наука.

Преку откуп на учебници за кои Министерството за образование и наука не ги поседува авторските права и со печатење на оние кои се во сопственост на МОН, досега за 2023 година е обезбеден тираж од речиси 1.4 милиони учебници. Од ресорот информираат дека над 98 проценти од нив, се веќе доставени.

 

 

Андријана Ѓурческа