Куманово

Костадиновска-Стојчевска на „Денови на комедијата“ во Куманово

28.09.2023 08:54

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на свеченото отворање на Фестивалот, кој оваа година бележи 26 години од формирањето, се обрати пред љубителите на комедијата...

Многубројна публика ја проследи театарската претстава „Синиот портокал“, во изведба на Театарот од Велес, со која вчеравечер во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово беше отворен Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедијата“.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на свеченото отворање на Фестивалот, кој оваа година бележи 26 години од формирањето, се обрати пред љубителите на комедијата и рече: „Од идејата на создавачите до остварувањата на нивните следбеници, вложени се многу љубов и посветеност за тој да прерасне во еден од најпопуларните фестивали во државава, а сепак да биде препознатлив и уникатен“.

Министерството за култура останува партнер и традиционален поддржувач на овој фестивал кој со својата долговечност дава особен придонес кон развојот на македонската култура и културното живеење. На репертоарот на 26. издание на Фестивалот се 11 театарски комедии во изведба на македонски театри и на театри од Србија, Хрватска и од Бугарија. Од минатата година, Фестивалот има натпреварувачки карактер, а ќе се натпреваруваат 10 театарски претстави.

Годинашен лауреат на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедијата“ е истакнатиот македонски режисер и актер Коле Ангеловски.

Сите претстави на Фестивалот ќе ни потврдат дека нема поискрен и почист израз од театарскиот и дека сè уште театарот е место каде што може да се заборават сите проблеми од секојдневието. Низ годините, публиката имаше убава можност да проследи 210 претстави во изведба на професионални театри од нашата Република и од театарските куќи од регионот, а со тоа Фестивалот ја потврдува својата успешност. Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедијата“ стекна голем углед и стана препознатлив белег на културното живеење на Куманово. Фестивалот, кој започна синоќа, ќе трае до 14 октомври. На 15 октомври се доделуваат наградите за претставите и се игра претстава во чест на наградените, стои во соопштението од Министерството.