Ретроспективна изложба на Миле Корубин во Чифте амам
Изложбата ќе ја отворат директорката на Националната галерија, д-р Старова Ќерими, академскиот сликар Рубенс Корубин и д-р Кирил Пенушлиски, историчар на уметноста. Изложбата ќе трае до 27 - ми октомври 2023 година...

Вечерва, со почеток во 20 часот, во објектот Чифте амам, ќе биде отворена ретроспективна изложба на Миле Корубин (1922-2000). Изложбата ќе ја отворат директорката на Националната галерија, д-р Старова Ќерими, академскиот сликар Рубенс Корубин и д-р Кирил Пенушлиски, историчар на уметноста. Изложбата ќе трае до 27 - ми октомври 2023 година.
Изложбата е посветена на 100-годишнината од раѓањето на еминентниот македонски сликар Миле Корубин. Временскиот опсег од петдецениска творечка дејност го вбројува Миле Корубин меѓу најплодните македонски сликари, воедно и педагози. Неговата стварност, трансформирана низ сликарските визии, со специфичен ликовен ракопис, манифестира сопствена логика на „патувањето“ од предметното кон непредметното, односно од конкретната реалност до апстрактното.
Тенденциозно избегнувајќи ги трендовите, метафоричкиот лирски пристап се чувствува и се развива следејќи ја имагинацијата од конкретноста, па се до геометриската асоцијативност. Притоа, како константа секогаш доминираат потсвесно воспоставената хармоничност и редот на елементите во просторно смирената до „блажено“ лебдечката композициска структура. Неговиот луциден сликарски јазик и урамнотежени ликовни ориентации се наклонети кон егзистенцијата, редуцирањето на сликарскиот израз, отстапувањето од перспективата, ослободувањето на чистиот простор на атмосферата, кон егзотиката и мистицизмот преку лиризмот на чистата форма, што го издвојува како автор посветен на истрајноста и доследноста на сопствената мисла. Кураторки на изложбата се Маја Неделкоска Брзанова, виш кустос и Маја Чанкуловска Михајловска, виш кустос.
Фото :/ Министерство за култура
