Нагорно-Карабах нема да постои од 1-ви јануари
По воениот пораз од Азербејџан, повеќе од 65 илјади луѓе избегаа од Нагорно-Карабах во Ерменија. Сепаратистичките власти на 1-ви јануари 2024 година ќе ги распуштат сите институции, со што, непризнатата република и де факто ќе престане да постои …

Властите во Нагорно-Карабах најавија дека од 1-ви јануари се распуштаат сите државни институции, а Република Нагорно-Карабах престанува да постои. Претседателот на Шахрамањан, потпиша указ за распуштање на сите државни институции. Регулативата стапува на сила веднаш по објавувањето.
Повеќе од 65 илјади луѓе избегале од Нагорно-Карабах во Ерменија. Премиерот Пашинјан рече дека од наредните денови, нема да има Ерменци во Нагорно-Карабах.
Претходно службата за државна безбедност на Азербејџан го уапси поранешниот шеф на сепаратистичката влада на Нагорно-Карабах обвинувајќи го за финансирање тероризам и други злосторства.
Азербејџан го одбележа споменот на жртвите од војната во Нагорно-Карабах во 2020 година.
„И среќен сум и тажен. Тажен сум затоа што имаме маченици. Мило ми е што нашите земји веќе не се под окупација. Имаме воен план“, изјави Саламула Јолчујев, учесник во втората војна во Нагорно-Карабах.
Азербејџан пак конфликтот го нарече „локална антитерористичка операција“.
Претходно во голема експлозија на магацин за гориво загинаа 68 луѓе кои планирале да го напуштат Нагорно-Карабах, дополнителни 300 биле повредени, а 105 се водат за исчезнати. Американскиот државен секретар Блинкен го повика претседателот на Азербејџан, Алиев да обезбеди безусловна заштита на слободата и движењето на цивилите.
Нагорно-Карабах е регион на Азербејџан кој падна под контрола на етничките ерменски сили, поддржани од ерменската војска, во сепаратистичките борби кои завршија во 1994 година. За време на 44-дневната војна во 2020 година, Азербејџан врати делови од Нагорно-Карабах што ерменските сили ги презедоа за време на претходниот конфликт.
Марина Ристова
