Македонија

24-годишник од Цапари почина во битолската болница

28.09.2023 13:11

Момчето по седум дена дома со висока температура и без никаква терапија, за првпат се јавило на Инфективното одделение во вторникот, при што му биле направени сите анализи, и со соодветна терапија било пуштено дома. Притоа, состојбата продолжила да се влошува и родителите, вчера рано наутро го донеле повторно во болница, по што било хоспитализирано...

24-годишно момче од битолското село Цапари, по 10 часовна хоспитализација вчеравечер почина во битолската клиничка болница.

Момчето по седум дена дома со висока температура и без никаква терапија, за првпат се јавило на Инфективното одделение во вторникот, при што му биле направени сите анализи, и со соодветна терапија било пуштено дома. Притоа, состојбата продолжила да се влошува и родителите, вчера рано наутро го донеле повторно во болница, по што било хоспитализирано.

Наодите од лабораториските анализи биле доста лоши, состојбата се влошувала од час во час, и момчето починало вчеравечер-велат од клиничката болница.

По барање на болницата и по наредба на Јавен обвинител, телото е предадено на обдукција, која е во тек и се очекува за неколку часа да се знае причината за смртта.

Од СВР Битола потврдија дека вчеравечер од страна на битолската болница било пријавено дека починало 24-годишно момче од село Цапари.

Ова е уште еден во низата смртни случаи во Клиничката болница „Трифун Пановски“ во Битола, кои ја потресоа јавноста. На почетокот на годината 5-годишната Јана почина на детското одделение, неколку часа откако беше хоспитализирана. За овој случај од Обвинителството не беше констатирана лекарска грешка. Другиот случај е новороденчето на родилката Викторија Крстевска, кое почина два часа по породувањето.

Александра Максимовска известува од Битола