Против Камерун со комбиниран тим и со нова формација
Стариот познаник од кого нашиот национален состав пред три години загуби со 1-0 во пријателски меч во Скопје, се загрева за настап на Мундијалот...

Иако со речиси преполовен состав, без повеќемина фудбалери на коишто сигурно ќе смета во квалификациите, селекторот Бошко Ѓуровски е уверен во добро издание на македонската репрезентација во денешната контрола со Камерун. Стариот познаник од кого нашиот национален состав пред три години загуби со 1-0 во пријателски меч во Скопје, се загрева за настап на Мундијалот, додека Македонија ќе настојува да добие барем уште некој фудбалер, којшто би се наметнал во конкуренција за настапите во претстојниот евроквалификациски циклус.
Иако Камерунците ќе бидат без Ето и Асу-Екото, коишто подоцна ќе им се приклучат на подготовките, ќе бидат исклучително силна проверка на можностите на момците коишто ќе треба да го потврдат репрезентативниот формат. По неколкуте дена заедно со играчите во Австрија, селекторот најави дека на моќниот африкански тим ќе му се противстави со нова, променета формација 4-3-3. Пачовски ќе биде на голот, Тодоровски и Попов на бековските, а Грнчаров и Кире Ристевски на стоперските позиции. Средниот ред ќе плени со младешки потенцијал во имињата на Спировски, Давид Бабунски и Трајковски, којшто ќе добие поповлечена улога во споредба со порано. Ибраими и Тричковски ќе дејствуваат од страничните позиции како напаѓачка поткрепа за дебитантот Абдурахими, којшто ќе биде во врвот на нападот.
Денешниот натпревар на овој микс од поискусни и стандардни репрезентативци и од играчи коишто добиваат шанса да се промовираат, исто и оној со Катар по четири дена во Италија, би требало да му помогнат на селекторот Ѓуровски да реши дали можеби навистина ќе заземе целосно нов курс со националната селекција во претстојните квалификации, како што најави неодамна.
Преносот од пријателскиот фудбалски натпревар Македонија-Камерун во австриски Куфштајн е на Собранискиот Сервис денеска од 19 часот.
