Нагорно-Карабах оди во историјата
По воениот пораз од Азербејџан, повеќе од 65.000 луѓе избегаа од Нагорно-Карабах во Ерменија. Сепаратистичките власти на 1-ви јануари 2024 година ќе ги распуштат сите институции...

Властите во Нагорно-Карабах најавија дека од-1ви јануари се распуштаат сите државни институции, со што, непризнаената република ќе престане да постои. Претседателот Шахрамањан, потпиша указ за распуштање на сите државни институции. Регулативата стапува на сила веднаш по објавувањето.
По воената операција што изминатава недела ја спроведе Азербејџан, повеќе од 65 илјади луѓе избегале од Нагорно-Карабах во Ерменија. Премиерот Пашинјан рече дека од наредните денови, нема да има Ерменци во Нагорно-Карабах.
Службата за државна безбедност на Азербејџан го уапси поранешниот шеф на сепаратистичката влада на Нагорно-Карабах обвинувајќи го за финансирање тероризам и други злосторства.
Кремљ внимателно ја следи ситуацијата во Нагорно-Карабах.
„Внимателно ја следиме ситуацијата. Пред сè, се разбира, хуманитарниот аспект. Тоа е најважно. Продолжуваме да им помагаме на луѓето. Многу луѓе изразуваат желба да се преселат на територијата на Ерменија, а ние им даваме поддршка на сите кои го бараат тоа“, изјави Дмитриј Песков, портпарол рускиот претседател Владимир Путин.
Претходно во голема експлозија на магацин за гориво загинаа 68 луѓе кои планирале да го напуштат Нагорно-Карабах.
Американскиот државен секретар Блинкен го повика претседателот на Азербејџан, Алиев да обезбеди безусловна заштита на слободата и движењето на цивилите.
Азербејџан го одбележа споменот на жртвите од војната во Нагорно-Карабах во 2020 година.
„И среќен сум и тажен. Тажен сум затоа што имаме маченици. Мило ми е што нашите земји веќе не се под окупација“, изјави Саламула Јолчујев, учесник во втората војна во Нагорно-Карабах.
За време на 44-дневната војна во 2020 година, Азербејџан врати делови од Нагорно-Карабах што ерменските сили ги презедоа за време на претходниот конфликт. По 3 години со еднодневна војна се разгоре конфликтот во регионот на границата меѓу азербејџан и Ерменија.
Марина Ристова
