Регион

На терен е мирно, но ситуацијата во Косово останува напната

28.09.2023 14:28

Косовската полиција го зголеми присуството на северот по инцидентот викендов во којшто полицаец и неколку напаѓачи од српска националност беа убиени во Бањска кај Звечан. Тензијата се чувствува и во другите општини...

Косовската полиција го зголеми присуството на северот по инцидентот викендов во којшто полицаец и неколку напаѓачи од српска националност беа убиени во Бањска кај Звечан. На терен е мирно, но ситуацијата останува напната. Тензијата се чувствува и во другите општини.

„Народот овде се солидаризира со луѓето од северот. Сите сме исти, сите сме Срби. Ситуацијата треба што поскоро да се смири и што побргу да се врати во нормала. Уште треба да живееме овде заедно, тоа е неизбежно“, изјави жител од централниот дел на Косово.

„Не ни е пријатно, тешко ни е, постојано сме во неизвесност што ќе се случува кај нас, да не се случи истото како подолу. Нашите деца одат на училиште, се плашиме, мораме со нив да одиме на училиште и да ги чекаме. Никогаш не знаеме што ќе се случи“, рече жителка на општина Штрпце.

Нападот врз косовските полицајци во неделата беше терористички и тој треба да се истражи, а извршителите и тие кои го испланирале треба да се соочат со правдата, велат од Брисел.

„ЕУ беше јасна во својот став, очекувањата и советите до страните околу обврските што треба да се преземат сега. Тоа што се случи во неделата беше многу сериозно и одговорните ќе сносат последици. Сите треба да се однесуваат одговорно и да помогнат во расчистувањето на тоа што се случи“, изјави Питер Стано – портпарол на Европска комисија.

Во интервју за Радио Слободна Европа претседателката Османи вели дека Косово заедно со САД треба да го подготви нацрт-статутот на Заедницата на општините со српско мнозинство. Според неа, договорот за нормализација на односите – што Белград и Приштина го постигнаа на почетокот на годинава – не е совршен за Косово, но е меѓународна обврска.

„Мислам дека решението е следново: треба да седнеме со САД и да го подготвиме нацртот на Република Косово. Првично, мислам дека треба да се сретнеме со нашите партнери, да му го претставиме нашиот нацрт на државниот секретар Блинкен. Нацрт кој би бил во согласност со Уставот на Косово, со одлуката на Уставниот суд и со писмото на поранешната шефица на дипломатијата на ЕУ, Могерини, кое гарантира дека Здружението нема да има извршни надлежности. И во согласност со ставот на САД изразен во текстот на американскиот Стејт департмент и Вашингтон, кои забележуваат дека таквиот механизам ќе има координативна улога и нема извршни ингеренции“, изјави Вјоса Османи-претседателка на Косово.

Османи не очекува настаните од неделата да влијаат врз дијалогот. Според неа, важно е сите безбедносни и јавни институции да работат неуморно за да се спречат напади во иднина. Српскиот претседател Вучиќ, пак, го обвини косовскиот премиер Курти за систематско уништување на Србите на Косово.

Маријана Димовска