Костадиновска-Стојчевска: Имаме потенцијал, Скопје нема да ја пропушти шансата да се покаже во своето најдобро издание
Костадиновска-Стојчевска истакна дека „Скопје – Европска престолнина на културата во 2028 година“ - звучи прекрасно, звучи надежно, но тоа обврзува и на многу, многу работа.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, заедно со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и евроамбасадорот Дејвид Гир, денеска на сцената „Школка“, во Градскиот парк на прес-конференција ги објаснија сите натамошни случувања и процедури поврзани со „Скопје – Европска престолнина на културата во 2028 година“.
Костадиновска-Стојчевска истакна дека „Скопје – Европска престолнина на културата во 2028 година“ - звучи прекрасно, звучи надежно, но тоа обврзува и на многу, многу работа.
„Оваа титула, која на нашиот главен град му ја доделија експертите од Европската комисија, не е награда. Таа е шанса, таа е можност и, како министерка за култура, убедена сум дека ќе дадеме сè од себе во 2028-ма да бидеме горди на Скопје и Скопје на нас. На оваа титула гледам и како предизвик да се обединиме во идејата и да им овозможиме на Скопје и на неговите жители, но и на сите македонски граѓани, да се чувствуваат европски“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа потсети дека, препознавајќи ја вредноста, но и тежината на титулата „Европска престолнина на културата“, Владата, преку Министерството за култура, се обврза на безрезервна поддршка, и финансиска и кадровска и инфраструктурна, во служба на „Скопје 2028“. Како што нагласи Костадиновска-Стојчевска, ова е проект во којшто ќе се вложува со години, а тоа беше многу важен аспект за Скопје да ја добие титулата „Европска престолнина на културата“.
