Битола

24-годишниот битолчанец починал од десемирана интраваскуларна коагулација

28.09.2023 15:52

Почина 24-годишен маж од битолското село Цапари. Обдукцискиот наод покажа дека причина за смртта е дисеминирана интраваскуларна коагулација, и исклучена е секаква можност за лекарска грешка...

24-годишниот Симеон од битолското село Цапари почина во битолската Клиничка болница. Бил примен со висока температура и треска, но, лекарите не успеале да му го спасат животот.

Директорката на болницата Елизабета Иванова не информираше дека и самите лекари и болницата побарале да се направи обдукција на телото, за да ги знаат причините поради која е настаната смртта.

Наодите од обдукцијата покажаа дека причина за смртта на младиот битолчанец е неконтролирано внатрешно крварење.

„Причина за смртта на детето е ДИК или дисиминирана интраваскуларна коагулација или така речено факторите на коагулацијата или така речено факторите на згрутчување на крвта многу брзо се шират. Доаѓа до неконтролирано крварење од многу органи и многу системи, сето тоа е причина на еден голем инфект“, изјави д-р Елизабета Ивановска, директор на ЈЗУ Клиничка болница „Трифун Пановски“.

Младиот маж првично се јавил на инфективното одделение во вторникот, а по направените анализи и дадената терапија, бил пуштен на домашно лекување. Вчера рано наутро, со висока температура и треска повторно се вратил во болница, по што бил хоспитализиран. Од болницата велат дека на пациентот му биле дадени препораки за лабораториски анализи, кои тој не ги направил. Директорката отфрла лекарска грешка.

„Тоа е исклучено бидејќи детето целосно е третирано, бидејќи сè што можеше се беше направено кај детето, снимено од компјутер, прегледано од сите лекари од таа област, третирано соодветно, така да и самата обдукција покажа“, изјави д-р Елизабета Ивановска, директор на ЈЗУ Клиничка болница „Трифун Пановски“.

Министерството за здравство побара од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, да изврши вонреден инспекциски надзор во битолската болница.

По смртта на малата Јана Христовска и случајот со пациентката што загуби новороденче, ова е трет случај што ја потресе битолската јавност.

 

Александра Максимовска