Лога: Функционери нема да бидат опфатени со Законот за амнестија
Тврдам дека ниту еден избран или именуван функционер нема да биде опфатен со амнестијата – министерот за правда Лога го брани законот. Очекува поддршка од сите пратеници. ВМРО-ДПМНЕ најави амандманска блокада...

Ниту еден избран и именуван функционер нема да биде опфатен со Законот за амнестија – тврди министерот за правда Лога. Вели, станува збор за исто решение како во 2018-та година, кое било поддржано од сите партии, а разликата е што се изземени делата, опфатени со Кривичниот законик. Лога не демантираше дека со ова законско решение ќе бидат опфатени и Хаки и Фејзи Азири од случајот Монструм, па побара да не се игра со емоции во поедини случаи. Со новата амнестија целосно ослободени ќе бидат 286 затвореници.
Лога очекува за десетина дена, лично да го брани законот во Собрание. Се надева дека ќе биде изгласан во скратена постапка и покрај најавите за блокада од опозициските партии.
За измените на Кривичниот законик, Лога ја префрли одговорноста на Собранието. Тој тврди дека членовите од Работната група кои во моментов го изготвуваат новиот Кривичен законик, не биле консултирани за последните измени. Според него, одлуката на Уставниот Суд за поништување на Упатството за матични книги во кои е додадена графата за етничка припадност, ја загрозува безбедноста на целиот правосуден систем.
Марина Стојанова-Тонева
