Вжештена реторика во Собранието за време на пратеничките прашања
Бурна седницата во Собрание откако пратеничка обвини дека вицепремиерот за европски прашања и праќал бакнежи. Маричиќ негира – недостојни и ниски лаги. Амнестијата и измените на Кривичниот законик – жешки теми. Премиерот најави – ако се опфатат и случаи како „Монструм“, СДСМ ќе поднесе амандмани...

Законот за амнестија и измените на Кривичниот закон ја вжештија собраниската седница. Многу прашања за тоа, кој сè ќе куртули од затвор. Опозицијата бара одговори од власта и од премиерот Ковачевски, дали е точно дека со ова, на слобода ќе излезат и помагачите на убијците на децата кај Смилковско езеро, случај во јавноста познат како „Монструм“. Шефот на Владата рече дека такво нешто нема да дозволат.
И случајот „Онкологија“ се најде на агендата. Опозицијата реагираше дека и по еден месец нема разрешница за скандалот, заменик-министерката за здравство рече дека постапката е во тек и упати апел до институциите за брза разрешница. Економската криза и вртоглавиот раст на цените уште една тема за вкрстување на копјата.
Собраниската седница доби поинаков тек откако пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска го обвини вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ дека и пратил бакнеж и непримерно гестикулирал.
Опозицијата побара оставка од Маричиќ. Вицепремиерот за европски прашања рече дека Стојаноска се користи со недостојни и ниски лаги, и оти тој не и пратил никаква вербална или гестикулативна порака.
Наташа Јанчиќ Менковски
