Регион

Косово со резолуција бара меѓународна истрага за нападот во Бањска

28.09.2023 18:02

Народното собрание на Косово донесе резолуција со која се осудува нападот на косовската полиција на 24-ти септември и се истакнува потребата од меѓународна истрага. Нови обвинувања од Белград упатени директно кон ЕУЛЕКС и косовската полиција...

Косовската полиција го зголеми присуството на северот по инцидентот викендов во којшто полицаец и неколку напаѓачи од српска националност беа убиени во село кај Звечан. На терен е мирно, но ситуацијата останува напната. Народното собрание на Косово донесе резолуција со која се осудува нападот на косовската полиција на 24-ти септември и се истакнува потребата од меѓународна истрага.

„Во неделата доживеавме агресивен напад од криминалните и терористичките банди на Србија, не само против полицијата, туку и против државата, поредокот на нашата Република. Терористите или се убиени, или уапсени, или се гонат по бегството. Вооружениот напад ги наруши територијалниот интегритет, суверенитет и националната безбедност“, изјави премиерот на Косово, Албин Курти.

Нови обвинувања од Белград упатени директно кон ЕУЛЕКС и косовската полиција. Велат дека имаат докази, фотографии и сведоци за случувањата во Бањска.

„Ќе ви кажам зошто ЕУЛЕКС не учествуваше во истрагата на косовската полиција, само затоа што косовската полиција сакаше да се сокријат одредени докази и да се сокрие вистината, а таа вистина е дека Србите беа ладнокрвни, ѕверски и брутално убиени од косовската полиција. И секој треба да го знае тоа“, изјави Петар Петковиќ, претставник на Белград за Косово.

Нападот врз косовските полицајци во неделата беше терористички и тој треба да се истражи, а извршителите и тие кои го испланирале треба да се соочат со правдата, велат од Брисел.

„Тоа што се случи во неделата беше многу сериозно и одговорните ќе сносат последици. Сите треба да се однесуваат одговорно и да помогнат во расчистувањето на тоа што се случи“, изјави Питер Стано, портпарол на Европска комисија.

Претседателката на Косово, Османи вели дека не очекува настаните од неделата да влијаат врз дијалогот Белград – Приштина. Српскиот претседател Вучиќ истакна дека Србија е подготвена да работи на продолжување на дијалогот со посредство на ЕУ и ја повика меѓународната заедница да преземе мерки за неодговорни потези на Приштина.

 

Маријана Димовска