Македонија

Натпревар во цртање по повод 75-годишнината од Универзалната декларација за човекови права

29.09.2023 08:46

Во пресрет на претстојниот Ден на ОН, 24-ти октомври, семејството на ОН во Северна Македонија организира натпревар во цртање за деца и млади, на возраст од 6 до 30 години...

По повод 75-годишнината од Универзалната декларација за човекови права, а во пресрет на претстојниот Ден на ОН, 24-ти октомври, семејството на ОН во Северна Македонија организира натпревар во цртање за деца и млади, на возраст од 6 до 30 години.

Целта на натпреварот е да ја вклучи помладата генерација во застапувањето за човекови права, да ја подигне нивната свест за важноста на заштитата на човековите права и придобивките од нивното почитување.

Цртежот треба да прикаже некои од придобивките што усвојувањето на човековите права, според Универзалната декларација за човекови права, може да ги има во животот и развојот на секој човек, а фокусот е на тоа како дополнително да се унапредат тие права за доброто на сите.

Секое испратено уметничко дело ќе биде прикажано за време на активностите за одбележување на Денот на ОН 2023 година на интернет, а цртежите на тројцата победници во шест возрасни групи и цртежот на главниот победник ќе бидат испечатени како плакати. Изложбата на дваесетте избрани цртежи ќе биде организирана во Музејот на современа уметност во Скопје од 24-ти октомври.