Ибака се врати, Оклахома победи!
Клучни за триумфот на Оклахома од 106:97 и за намалување на 2:1 во „западното“ НБА финале беа одбраната и враќањето на домашниот центар Серж Ибака...

Оклахома е неосвојива за Сан Антонио којшто го загуби и седмото гостување во низа на паркетот на „Тандерс“. Клучни за триумфот на Оклахома од 106:97 и за намалување на 2:1 во „западното“ НБА финале беа одбраната и враќањето на домашниот центар Серж Ибака. Откако поради повреда ги пропушти мечевите во Сан Антонио, Ибака го затвори рекетот, постигна 15 поени со само едно промашување и додаде 7 скокови и 4 блокади.
Неговата стопроцентна ефикасност при стартните четири шута како и двете „рампи“ на почетокот на мечот, дополнително ја кренаа самодовербата на домашните кошаркари. Оклахома ја симна реализацијата на гостите на само 39,6 проценти иако во претходните два дуела таа беше над 50 насто.
„Тандерс“ ги надскокаа „Спарс“ и од 52-те собрани топки, 15 беа во нападот. Сан Антонио оствари 36 скока.
Расел Вестбрук беше најрасположен со 26 поени и 7 асистенции. Кевин Дурент уфрли 25, но имаше и 10 скока.
Кај Сан Антонио, Ману Џинобили постигна 23 коша, Тим Данкан 16, Кави Леонард 10, а Тони Паркер само 9.
И четвртиот натпревар закажан за ноќта меѓу вторник и среда, ќе се одигра во „Енерџи Арената“ којашто ноќеска по 163 пат по ред беше рапродадена до последното место.
