АХВ

Бабовски во Брисел ги презентира мерките за справување со африканската чума кај свињите

29.09.2023 11:01

Директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) Николче Бабовски, во својство на член на ова тело кое го сочинуваат претставници од земјите членки на Европската унија, државите од Западен Балкан, Молдавија, Белорусија и Русија, ја презентираше актуелната состојба со оваа болест во земјава...

Актуелната состојба со болеста африканска чума кај свињите во Европа, нужноста од преземање на координирани активности за нејзина контрола и искоренување, но и можни нови мерки кои би се презеле во иднина во оваа насока, се дел од темите на кои вчера и денес во Брисел дискутираа земјите членки на Глобалната рамка за прогресивна контрола на прекуграничните болести на животните (GF-TADs) во рамки на 21 состанок на Постојаната експертска група за африканска чума кај свињите во Европа.

Директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) Николче Бабовски, во својство на член на ова тело кое го сочинуваат претставници од земјите членки на Европската унија, државите од Западен Балкан, Молдавија, Белорусија и Русија, ја презентираше актуелната состојба со оваа болест во земјава и ги објасни сите досега преземени превентивни и мерки за контрола и ерадикација на болеста и идните чекори во справувањето со неа.

„Годинава во Република Северна Македонија досега кај питомата популација свињи евидентиравме 7 жаришта на болеста, од кои 6 кај мали одгледувачи, кои одгледуваат по неколку свињи за сопствени потреби. За жал, погодена беше и една голема комерцијална фарма во село Таринци каде биосигурносните мерки беа имплементирани на највисоко ниво, но и покрај тоа моравме да убиеме и нештетно да отстраниме дури 8.514 свињи. Епидемиолошката истрага не покажа поврзаност на ова жариште со другите кои беа евидентирани во  државата“, истакна во својата презентација Бабовски.

Сфаќајќи ја сериозноста и големината на економската штета која може да биде нанесена на свињарството во нашата држава, која не е увозно зависна од свежо свинско месо, уште од 2018-та година сконцентрирани бевме на превенцијата. Активно работевме на зајакнување на биосигурносните мерки на свињарските фарми, евидентирање на сите одгледувачи, појасни Бабовски.

Како дел од подготвителните мерки беше спроведувањето на симулациски вежби за справување со болеста, зајакнувањето на контролата кај патниците во координација со Царинската управа, засилување на отстрелот на дивата популација свињи особено во пограничните региони.

Во презентацијата Бабовски додаде и дека во насока на зголемување надзорот, АХВ разви и стави во функција мобилна апликација за пријавување на угинати диви свињи, за што е обезбеден и финансиски надомест.