Зеленски: Украина заслужува да стане членка на НАТО
Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, за време на ненајавената посета изјави дека Киев напредува во контраофанзивата. За полноправното членство на Украина во ЕУ, мислењата на европските челници поделени...

Руски ракети погодија инфраструктурен објект во Миколаев. Противвоздушната одбрана тврди дека уништиле 11 украински дронови над регионите Курск и Калушка. Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, за време на ненајавената посета изјави дека Киев напредува во контраофанзивата. Потпишан е договор од 2,4 милијарди евра за муниција за Украина. Зеленски вели дека работат на кандидатурата за членство во Алијансата.
„Украина заслужува да стане членка на НАТО. Ова не е само нашата украинска амбиција, ова е единствената ефективна безбедносна перспектива за Европа која гарантира вистински траен мир“, изјави Володимир Зеленски - претседател на Украина.
За полноправното членство на Украина во ЕУ, мислењата на европските челници поделени. Унгарскиот премиер Орбан изјави дека Западот сака да ја глобализира војната во Украина.
„Кога ќе разговараме за иднината на Украина во Брисел наесен, дали можеме сериозно да размислуваме за членство. Можеме ли да почнеме преговори со земја која има војна на сопствената територија?“, изјави Виктор Орбан - премиер на Унгарија.
Кремљ ги зголемува трошоците за одбраната. Путин соопшти дека платеничката група „Вагнер“ сега работи за руското Министерство за одбрана.
„Се вклучувате во формирање на волонтерски единици кои вршат различни борбени мисии, пред сè во зоната на специјална воена операција. Самите се боревте во таква единица повеќе од една година, знаете што значи тоа“, изјави Владимир Путин - претседател на Русија.
Белорусија обвини дека полски хеликоптер вчера неколку пати го нарушил нејзиниот воздушен простор.
„Леталото ја преминало границата на Белорусија, навлегувајќи во белорускиот простор. За еден час подоцна хеликоптерот повторно ја нарушил државната граница“, изјави Сергеј Качур - претставник на воздухопловните сили на Белорусија.
Полските власти ги отфрлија обвинувањата на Минск.
Бојана Крстевски
