мкиграција

Годинава над 2.500 луѓе загинале или исчезнале во водите на Средоземното Море

29.09.2023 12:46

Над 2.500 луѓе загинале или исчезнале од почетокот на годината на пат кон Европа преку медитеранската рута.Бранот бегалци кој пристигна на Лампедуза го вклучи алармот расте бројот на мигранти и на германско-полската граница. Според Обединетите Нации, загрижувачка е миграцијата од Нагорно-Карабах во Ерменија …

Централно-медитеранската рута најопасна за мигрантите. Од почетокот на годинава, над 2.500 луѓе загинале или исчезнале во водите на Средоземјето, обидувајќи се да стигнат до Европа. Последниот бран бегалци на островот Лампедуза го вклучи алармот.

„Италија не може да се остави сама да одговори на потребите на пристигнатите. УНХЦР постојано повикува на воспоставување договорен регионален механизам за спасување на луѓето кои пристигнуваат по море, во духот на споделување одговорност и солидарност со државите од првата линија“, изјави Рувен Меникдивела од Комесаријатот за бегалци на ООН.

Бројот на мигранти расте и на германско-полската граница. Во изминатите две недели, откриени се 550 лица. Уапсени се осуммина криумчари на очајниците кои бегаат од сиромашните делови од Африка.

„Сега мора да се преземе акција, верувам дека механизмот за итни случаи Шенген 24 мора да биде усвоен и веднаш да се воспостават гранични контроли“, изјави Мајкл Штубген, министер за внатрешни работи на Бранденбург.

Особена загриженост во моментов претставува егзодусот во Нагорно-Карабах од каде над 84.000 луѓе заминаа во Ерменија.

„Како дел од одговорот што го води владата на Ерменија, тимовите на УНХЦР се на терен, и внимателно ја следат ситуацијата. УНХЦР предупредува, луѓето што се трауматизирани, исцрпени и гладни и имаат потреба од итна психолошка и социјална поддршка“, изјави Стефан Дујариц, портпарол на ООН.

Климатските промени, сиромаштијата, политичкиот прогон влијаат врз животните услови и придонесуваат за раселување и неправилна миграција, став на Организацијата. Мигрантите од Либија кои се во притвор во официјални и неофицијални објекти и натаму предизвикуваат најголема загриженост. Една од критичните области е Сахел, или Субхасарска Африка каде што се 20 милиони потенцијални мигранти. Брисел најави дека за неколку денови треба да биде усвоен италијанско-германскиот предлог за незаконската миграција.

 

Маријана Димовска