Собрание

Рашела Мизрахи претседателка на Анкетната комисија за Онкологија

29.09.2023 14:23

Пратеничката Рашела Мизрахи ќе раководи со Анкетната комисија што ја формира Собранието за скандалот на онкологија. Ова тело ќе треба да му поднесе конечен извештај на Собранието за еден месец од завршувањето на својата работа....

Пратеничката Рашела Мизрахи од редовите на ВМРО – ДПМНЕ ќе раководи со Анкетната комисија во Собранието, која ќе го истражува скандалот со Клиниката за онкологија. Ова било договорено на координација меѓу пратеничките групи од власта и опозицијата. Предлогот помина на седница на комисијата за изборите и именувањата. Се очекува наредната недела да биде изгласан на пленарна седница.

Според Милошоски, формирањето на Анкетната комисија е задоцнето, бидејќи изминал речиси еден месец откако опозицијата ја поднела иницијативата.

„Тука не е крајот овој предлог ќе треба да помине на пленарна седница, се надевам првата наредна седница следната недела. Иако е ова доцнење од еден месец се надевам дека не е тенденциозно, очекувам формирањето на комисијата да ја оствари својата задача, односно да утврди политичка одговорност за ваквото незаконито постапување на онкологија со овој би рекол медицински профитен скандал“, изјави Антонио Милошоски – ВМРО – ДПМНЕ.

Од парламентарното мнозинство велат дека без калкулации ја прифатиле идејата за формирање анкетна комисија и се надеваат на завршница.

„Досега ниту една анкетна комисија немала завршница, но мислам дека еве сега тука ќе покажеме единство сите заедно и навистина оној наратив и во насловот како што сме го прифатиле дека се работи за скандал на клиниката за онкологија во делот на политичката одговорност ќе го утврдиме сите тука заеднички. Уште еднаш сакам да потенцирам дека парламентарното мнозинство без никакви калкулации ја прифати идејата за Анкетна комисија и се надевам дека ќе дојдеме до одредена завршница“, изјави Горан Мисовски – НСДП.

Одлуката за формирање на Анкетна комисија беше донесена на 20-ти месецов, по наводите во јавноста за злоупотреба на лекови на Клиниката за онкологија. За овој случај на почетокот на месецов Јавното обвинителство отвори предистражна постапка.

 

 

 

Андријана Ѓурческа