Радојчиќ ја презеде одговорноста за нападот во Бањска
Потпретседателот на Српската листа, Милан Радојчиќ, ја презеде одговорноста за настаните на северот на Косово. Призна дека во неделата бил во Бањска и ги извршил сите логистички подготовки...

Преку писмо прочитано од неговиот адвокат, поранешниот потпретседател на Српската листа, Милан Радојчиќ, ја презеде одговорноста за настаните во селото Бањска на северот на Косово.
„Ја информирам јавноста дека заедно со моите сонародници дојдов на северот на Косово и Метохија во Бањска на 24-ти септември“, навел Радојчиќ во изјавата, пренесува српскиот јавен сервис.
Причината била да се охрабри народот во отпорот кон режимот на Курти. Радојчиќ наведува дека не добил никаква помош од властите во Белград, ниту пак ги известил за своите намери.
„Ги информирам сите дежурни прогонители на српскиот народ дека лично ги направив сите логистички подготовки за одбрана на српскиот народ од окупаторите и овој чин нема никаква врска со мојата претходна политичка инволвираност. За ова не известив никого од српските власти или локални структури, ниту пак добив помош од нив, бидејќи во тој период веќе имавме несогласувања“, се вели во писмената изјава на Радојчиќ.
Претреси на неколку локации во Косовска Митровица, Звечан и Зубин поток. Премиерката на Србија, Брнабиќ, оцени дека продолжува „теророт што го спроведува косовскиот премиер Курти врз Србите на Косово и Метохија“.
„Теророт на Албин Курти врз Србите на Косово и Метохија, очекувано продолжува, согласно сето што со месеци го зборува претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Единствена цел е протерување на Србите од Косово и Метохија“, изјави Ана Брнабиќ, премиерка на Србија.
НАТО испрати засилување на Косово поради актуелната криза.
Марина Ристова
