На рафтовите нема млеко со афлатоксин, неосновано се шири паника, тврди АХВ
Нема млеко со афлатоксин над дозволеното на полиците во маркетите, тврдат од Агенцијата за храна, по обвинувањата на Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ. Од надлежната институција смируваат дека увезеното млеко штом стигнало до граница веднаш е вратено назад...

Во земјава се увезени 20 тони трајно млеко од Србија кое содржи афлатоксин М1, над максималното дозволено ниво обвини Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ. Овие тврдења ги поткрепи со документи од лабораториски наоди кои покажуваат дека млекото кое влегло во земјава на 21-ви месецов и содржи канцерогени материи ги поминало сите контроли и бил дозволен влез во Македонија. Трипуновски обвини дека Агенцијата за храна нема контрола при увоз на храна и свесно се пуштаат во употреба вакви производи.
Агенцијата за храна и ветеринарство со демант на тврдењата на Трипуновски, велејќи дека се лаги, манипулации и се обид за да се шири паника. Од институцијата велат граѓаните да бидат спокојни вакво млеко нема во маркетите, во согласност со операторот, уште во април годинава е уништено и не било пуштено во промет.
Граѓаните да им веруваат на институциите, а не на изјавите што ги даваат политичари за собирање дневно политички поени, порача министерот за економија Бектеши, потенцирајќи дека има целосна доверба во АХВ.
Викторија Милевска
