Скопје по невремето: Штетите допрва ќе се проценуваат

26.05.2014 13:23

Утринава граѓаните го расчистуваа нередот кој зад себе го остави поројниот дожд...

Поплавени подруми и поткровја, потопени автомобили, откорнати дрвја, ваква е сликата по невремето што синоќа го зафати главниот град. Надлежните до раните утрински часови беа на терен, се санираа штетите.

Утринава граѓаните го расчистуваа нередот кој зад себе го остави поројниот дожд.

„Штета огромна, таква бура беше, погледнете ги последиците и сами... Од корен дрва извадени се... Кај нас дома ни протече, бидејќи сме на седми... Магацинот ни е полн со вода, неподготвени не фати невремето“, велат граѓаните кои претрпеа штети од неверемето.

Вода навлегла и во автомобилите на паркингот во Ново Лисиче, а како последица од повлекување на земјиштето, возила пропаднаа во градилиште.

„Гледаме на телевизија што се случува во Србија, но ова беше катастрофа“, вели жител на Ново Лисиче.

Штетите сеуште се проценуваат. Во скопска Ќерамидница невремето зад себе остави поплавени дуќани и подруми, калливи улици и миризба на фекалии.

Од силното невреме што го зафати главниот град сеуште се критични подвозниците. На неколку места, противпожарната бригада со пумпи ја црпи водата со цел да обезбеди непречено движење на автомобилите и на луѓето.

Синоќа беше поплавена и зградата на МРТ, а денеска до 11 и 30 часот без струја беа и министерствата кои се сместени во неа.