ИФФК Браќа Манаки

Специјална награда „Златна камера 300“ за кинематограферот Шејмус Мек Гарви

30.09.2023 11:04

Со проекција на дебитантскиот македонски филм „Лена и Владимир“ се спушти завесата на 44. ИФФК Браќа Манаки. Овогодишниот лауреат на специјалната Златна камера 300 е кинематограферот Шејмус Мек Гарви. Фестивалот траеше седум дена, а публиката имаше можност да погледне 80 извонредни филмови…

Со доделување на бројни награди и признанија за најдобрите кинематографери, се спушти завесата на фестивалот „Браќа Манаки“.

Лауреат на Специјалната Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност е Шејмус Мек Гарви, водечки европски кинематографер. За неговиот блескав талент и бескрајно инвентивен пристап, сведочат 50-тина филмови меѓу кои Покајание, Ана Каренина, Ноќни Животни, Часови. Наградата му ја врачи претседателот на државата Стево Пендаровски.

„Навистина сум многу возбуден, прекрасна награда добив, многу ми е мило што го открив фестивалот Манаки, затоа што тоа е една вистинска прослава на филмот, толку е убаво овде, толку убава атмосфера имаше, што од сега ќе се враќам секоја година“, изјави Мек Гарви.

Меѓу бројните награди кои беа доделени, жирито одлучи Златна камера 300 да оди во рацете на тандемот кинематографери Џевахир Шахин и Куршат Уресин за филмот Сувите треви. Сребрена камера 300 на Ченгма Жијуан за филмот Само реката си тече, и Бронзена камера 300 на Паоло Карнера за филмот Носталгија.

Директорот Дамевски посочи дека по 44 години макотрпна работа, фестивалот стана многу важен дел од културниот идентитет на Македонија.

„Во потрага по прекрасното непознато создадовме фестивал каков што Битола и Македонија би сакале, треба и мораат да имаат“, нагласи Дамевски.

Во текот на седумте фестивалски денови, беа прикажани 80 извонредни филмови од кои два македонски.

44-тото издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера Браќа Манаки свечено беше затворено со проекција на македонскиот дебитантски филм „Лена и Владимир“ во режија на Игор Алексов.

Александра Максимовска