Климатски промени

Вонредна состојба во Њујорк поради поплави, по невремето во Грција се шират зарази

30.09.2023 12:32

Во Њујорк прогласена вонредна состојба поради поплавите предизвикани од изобилните дождови. Голем број области се поплавени, под вода се поголемиот број патишта, застој има и во железничкиот сообраќај, затворено е метрото. Пустошот што зад себе го оставија поплавите во Грција предизвика и ширење заразни болести. Прва жртва од лепто-спироза во Тесалија...

Климатските промени го покажуваат своето вистинско лице. Елементарните непогоди со силни бури, поројни дождови и големи поплави стануваат секојдневие. По катастрофалните поплави во Либија, каде што животот го загубија стотици илјади луѓе, бесот на природата овојпат го почувствуваа и жителите на големото јаболко.

„Најдобро нешто што можете да направите е да останете дома. Ако треба да излезете некаде со возилото, доколку има вода на патот, навистина преиспитајте ја вашата одлука“, изјави Кети Хочул – гувернер на Њујорк.

„Цел живот живеам овде и никогаш не сум видела вакво нешто. Никогаш јас сум овде 47 години и ова навистина е застрашувачки“, вели жител на Њујорк.

Во Њујорк прогласена вонредна состојба поради поплавите предизвикани од изобилните дождови. Голем број области се поплавени, под вода се поголемиот број патишта, застој има и во железничкиот сообраќај, затворено е метрото и еден терминал на аеродромот Лагвардија.

„Немаме никакви информации. Велат дека возовите не сообраќаат, тоа е тоа, не може ништо да се направи.“

„Велат дека можеби ќе тргнеме по други патишта, но кои ќе бидат тие и каде ќе пристигнат не се знае. Затоа решив да останам овде.“

Ужасот што себе го носат климатските промени добро познат и на жителите на Грција. Тие летово го минаа справувајќи се со пеколните горештини и катастрофалните пожари, но почетокот на есента ја дочекаа со незапаметени бури кои со себе донесоа порој и катаклизмични поплави.

„Дваесет дена ја гледаме реката дека е до мостот. Не се внимава на неа, не се чисти коритото, а потоа повторно не поплави. Со кого да разговараме?“, прашува жител на Волос.

„Ова навистина ме изнервира. Само што исчистив, исфрлив многу работи, а другите ги ставив на свое место и повторно поплава. Повторно треба се да исфрлам, нема ништо да ми остане само ѕидовите“, додава жителка на Волос.

Пустошот што зад себе го оставија поплавите предизвикаа и ширење заразни болести. Прва жртва од лепто-спироза во Тесалија. Досега се регистрирани девет случаи заразени од оваа болест што ја шират глодари. Две лица се хоспитализирани.

Маја Стојанова