Партијата на Македонците во Грција „Виножито“ со освоени над 1200 гласови повеќе од минатите избори
26.05.2014 13:53
Победник на европските избори е СИРИЗА, а во Европскиот парламент ќе седат и неонацистите од Златна Зора...

Солун, Кукуш, Воден и Костур се само дел од градовите во кои што е забележан пораст на рејтингот на партијата на Македонците во Грција „Виножито“.
Како што јавува дописникот на МРТ од Атина, на вчера одржаните избори за пратеници во Европскиот парламент, партијата на Македонците освои над 1200 гласови повеќе од последните избори во 2009 та.
По преброени 98 % од гласовите, „Виножито“ има освоено 5671 глас, за разлика од пред пет години кога бројот на освоени гласови изнесуваше 4512.
Во двете избирачки места во Солун и регионот, „Виножито“ освои околу 260 гласови повеќе од минатите избори. Нагорен тренд по бројот на освоени гласови има и во Сер, Кукуш, Негуш, Воден, Кожани и во Костур.
Значајно е тоа што поддршката за „Виножито“ официјално бележи пораст и покрај сите сознанија за притисоци, уцени, неправилности и фалсификати што се составен дел од традиционално некоректниот однос што грчката држава и медиуми го имаат кон „Виножито“.
Од партијата претходно изјавија дека со оглед на сите услови не може да се очекува спектакуларен резултат, но и дека самото учество претставува успех. Учествувајќи на изборите партијата обезбедува минимален доказ за постоењето на Македонците во Грција, демантирајќи ја притоа официјална Атина која што тврди дека малцинство нема.
„Најголемиот кошмар за Грција е политичкото будење на Македонците и поддршката за Виножито“, изјави за МРТ Павле Филипов Воскопулос од претседателството на партијата.
Победник на европските избори е опозициската Сириза која освои околу 3 проценти повеќе од владејачката Неа Димократија. Во Европскиот парламент ќе седат и неонацистите од Златна Зора која што на овие избори заврши како трета.
Марија Котовска - постојан дописник на МРТ од Атина
