Недостигаат негувателки во домот за стари лица во Куманово
Недостигаат негувателки во домот за стари лица во Куманово. Од оваа установа очекуваат проблемот да се надмине, да добијат согласност од ресорното министерството. Но укажуваат дека мал е интересот за вработување. Персоналот се обучува, но по извесно време заминува во земјите од ЕУ.

Сè уште не е надминат проблемот со недостаток на негувателки во домот за стари лица во Куманово. Установата доби одобрување од советот на општината, а чека тоа да го направи и ресорното министерство. Надлежните информираат дека согласно нормативите потребни се најмалку 15, а во моментов работат 11 негувателки. Но, доколку не се добие согласност ќе останат само осум што ќе предизвика сериозни проблеми.
„Дефинитивно имаме потреба, бидејќи сме надвор од норматив пропишан од МТСП како институција. За годинава имаме една согласност од ресорното министерство кое претходно е поминато на совет, но е на определно време значи до 31 декември годинава. Тоа не е решение за нашите проблеми“, изјави директорот на установата, Дејан Стојановски.
Од домот дополнуваат дека последниве години голем дел од персоналот кој се обучува по извесно време заминува во земјите од ЕУ, каде професијата е прилично атрактивна и добро платена. Со сопствени средства реализираат реконструкции, но велат неопходна е помош од државата. До МТСП испратиле неколку барања за проширување на капацитетите, но сите биле одбиени. На листата за чекање за прием се 30 лица.
„Зафир Сајто“ е една од најголемите и можеби најстарите установи во земјава за згрижување на стари лица. Во моментов овде се сместени 155 корисници.
Старскиот дом во Куманово функционира од 1978-та година.
Елена Георгиевска
